Top Sport

Мбапе со хет-трик на „Ноу Камп“ ја здроби Барса, Ливерпул за пет минути го доби Лајпциг

Килијан Мбапе постигна три гола во својот прв меч против Барселона, за да ги предводи Пари Сен-Жермен до неверојатна 4:1 победа на „Ноу Камп“ во првиот меч од осминафиналето на Лигата на шампионите, додека Ливерпул за само пет минути во второто полувреме ги искористи грешките на Лајпциг и стигна до 0:2 победа во Будимпешта за ставање на крај на лошата серија пред реваншот на „Енфилд“.

Иако и во минатото се случувало ПСЖ да пропуштат ваква предност во нокаут-фазата од Лигата на шампионите, „светците“, за кои покрај Мбапе блесна и Марко Верати, се огромни фаворити пред реваншот на „Паркот на принцовите“ по европското деби на тренерот Маурисио Почетино.

А, работите почнаа добро за Блауграна. Лионел Меси ги донесе во водство во 27. минута од мечот со гол од пенал, но веќе во 32. минута, Мбапе го постигна својот 21. гол во ЛШ за на полувреме да се отиде со израмнет резултат. Во второто полувреме, Мбапе повторно „удри“ на Каталонците во 53. минута, за Моисе Кин да зголеми на 1:3 само пет минути подоцна користејќи го „распадот“ во играта на тимот на Роналд Куман. Мбапе ја комплетираше маестралната партија во 85. минута за огромна победа на „светците“.

Фановите на Ливерпул, пак, по сите маки во Премиер лигата и лошата форма, имаат причини за радост, откако „црвените“ доминираа против бундеслигашот РБ Лајпциг, и усепаја  за пет минути во второто полувреме да го решат победникот. Мохамед Салах во 53. минута и Садио Мане само пет минути подоцна донесоа драгоцена победа за кревање на моралот во тимот на Јирген Клоп.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1/8 ФИНАЛЕ, 1.МЕЧ

Барселона – Пари Сен-Жермен 1:4

РБ Лајпциг – Ливерпул 0:2

Scroll to Top