Килијан Мбапе закрепна од повредата на коленото, денес се враќа на тренинзите на Реал Мадрид, но прашањето е дали ќе биде целосно подготвен да игра во среда (21:00 часот) против Манчестер Сити во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите на УЕФА.
Имено, третманите што ги примени клубот дадоа добар моментален резултат, Мбапе ќе се обиде да тренира денес и утре и дури по нив ќе се знае дали ќе може да биде во составот за дуелот со англискиот шампион.
Францускиот ас има проблем со коленото од декември, играше под блокади пред да се одлучи дека мора да мирува за да се рехабилитира од повредата на лигаментите.
Во еден момент постоеше страв дека може да заврши со операција на вкрстените лигаменти, и со тоа да го пропушти остатокот од сезоната и Светското првенство во САД, Канада и Мексико.
Сепак, по прегледот од страна на познатиот француски трауматолог Бертран Сонери-Кото, беше одлучено Мпабе да продолжи да се лекува според програмата на клупските лекари.
Мбапе ќе се обиде да игра во среда, следните 48 часа ќе покажат дали ќе успее.
Foto/ depositphotos
