Капитенот на Манчестер јунајтед, Хери Мегваер вели дека е разочаран од 0:0 ремито на „Енфилд“ против Ливерпул, бидејќи очекувале победа, додека неговиот ривал, капитенот на Ливерпул, Џордан Хендерсон вели дека тие биле подобриот тим.
Двата тима имаа малку шанси во меч во кој Ливерпул го имаше поседот на топката, додека „ѓаволите“ се обидуваа преку контранапад, а главните ѕвезди како Бруно Фернандеш, Маркус Рашфорд, Мо Салах и Роберто Фирмино имаа, реално, лош ден. Фернандеш и Погба ги имаа најдобрите шанси во мечот, но не успеаја да ја прекинат низата од 68 меча без пораз на Ливерпул на својот стадион.
„Тие почнаа подобро од нас, но во второто полувреме бевме во игра. Ги креиравме најдобрите шанси, но не победивме. Два добри тима, но малку фудбал. Многу се зборува дека Ливерпул се без своите двајца централни бекови, но имаат одличен скор и покрај повредите. Сакавме победа, и тргнавме по три поени во второто полувреме и малку сме раочарани. Во споредба со лани, кога не бевм храбри, овојпат бевме подобри“, вели Мегваер.
Хендерсон пак, вели дека Ливерпул ги заслужил трите поени и покрај тоа што првпат од март 2005 година немаат постигнато голови во три последовални мечеви од Премиер лигата.
„Требаше да освоиме три поени дома. Направивме доволно за победа, посебно во првото полувреме. Не можевме да го најдеме патот до мрежата. Да, тие беа опасни на контранапади, но мислам дека бевме подобар тим. Сепак, признаваме дека перформансите не се на највисоко ниво последните недели и мораме да продолжиме да работиме. Сега не е време за застанување“, вели Хендерсон.