Мексико го направи првото вистинско изненадување на Мундијалот во Русија, шокирајќи го актуелниот шампион и еден од фаворитите за титулата, Германија со сосема заслужена 1:0 победа на првиот натпревар од групата Ф.
На преполниот „Лужники“ во Москва, фановите имаа шанса да видат навистина атрактивен меч, посебно во првото „атомско“ полувреме во кое „Ел три“ одеше рамноправно со фаворизираните Германци, успевајќи да го урнат митот на непобедливоста на „маншафтот“ на Јоаким Лев.
Мексиканците влегоа во мечот фуриозно и веќе во првата минута од мечот, Лозано беше во добра шанса за гол пред Нојер да ја „собере“ топката. Германците одговорија со шанси преку Вернер и Хумелс, кои од далечина се обидоа да го совладаат Очоа.
Мексико повторно е во шанса во 18. минута, кога Лозано и Чичарито прават одличен контра-напад, пред Чичарито да се „збуни“ во шестнаесетникот. Шансите се „редеа“ како на филмска лента, и младиот Вернер повторно шутираше во 20. минута, а веднаш потоа и Крос се обидува од далечина.
Голот „висеше“ сѐ до 35. минута, кога во напад влегуваат Чичарито и Лозано, кој успеа да го помине Кимих и да го совлада Нојер за лудило на мексиканските навивачи и загрижено лице на германскиот селектор Јоаким Лев.
¡GOL DE #MEXICO! ¡GOL DE CHUCKY! Another perfectly executed counterattack, and this time Lozano finishes it off brilliantly for the 1-0 lead against #Germany!!! Fully deserved lead. #GERMEX #VamosMexico #ElTri #MEX pic.twitter.com/lBOC9VkjhW
— Jason Foster (@JogaBonito_USA) June 17, 2018
Асот на Реал Мадрид, Тони Крос, кој ја загуби топката по која „Ел три“ стигнаа до голот, во 39. минута за малку ќе вратеше за тој пропуст со одличниот удар кој го погодува дирекот на голот.
Мексико со иста силина го почнаа и второто полувреме, и Чичарито се најде во добра позиција во 57. минута од мечот, но Кимих лесно ја отстранува опасноста. Германската „машина“ го искористи падот на формата на Мексиканците за да ја преземат иницијативата во текот на второто полувреме, меѓутоа тоа не донесе многу вистински шанси за гол.
Марко Ројс во 71. минута од страна шутира над голот, а во 76. минута уште поубава шанса имаше Крос со удар од далечина. Во финишот на натпреварот, Лев го засили нападот со ветеранот Гомез, кој во 89. минута се обиде да постигне гол со пета, а уште една замена Јулијан Бранд од далеку ја погоди надворешната страна на дирекот.
Фото: ЕПА