Менаџерот на Вулверхемптон, Гери О’Нил изјави дека контроверзниот пораз во Премиер лигата од Фулам „конечно го натерал да го смени мислењето за ВАР технологијата“.
Вулверхемптон синоќа загуби од Фулам со 3:2, а по натпреварот О’Нил заедно со судиите ги гледал спорните ситуации. Судијата Мајкл Солсбери му признал дека направил две грешки.
„Отсекогаш сум бил за ВАР, но мислам дека во моментов прави голем проблем. Можеби се свртев против ВАР вечерва. Мислев дека технологијата ќе помогне, но се чини дека не е така“, рече О’Нил.
Менаџерот на Вулверхемптон рече дека судијата признал дека ВАР требало да го советува да ја промени одлуката при првиот пенал кога Нелсон Семедо прв дојде до топката пред да го сопне Том Карни од Фулам.
„Нелсон тргна по топката и не го допре Карни. Го гледав повторно со судијата и тој призна дека згрешиле и требало да добие инструкција да ја прегледа снимката на екранот. Тоа не ми помага, не им помага на навивачите кои го поминаа патот до Лондон за да го поддржат тимот. Тоа не им помага на играчите кои повторно се фрустрирани“.
Тој изјави и дека не требало да се досуди пенал на дуелот меѓу неговиот играч Жоао Гомеш и Хари Вилсон.
„Тој мисли дека имаше елементи за пенал. Јас мислам контактот беше мек“.
Менаџерот на Вулверхемптон рече дека Карлос Винисиус од Фулам требало да биде исклучен бидејќи го удрил по главата Макс Килман, а Тим Рим требало да добие втор жолт картон поради прекршокот кај пеналот.
„Имавме интересен разговор за картонот за Рим. Мислеше дека е доволно да досуди пенал. Кај Винисиус, тој рече дека е лесен удар по глава, а јас реков дека тоа е лудо. После тоа рекоа дека според правилата требало да биде црвен картон“, изјави О’Нил.
Против Вулверхемптон оваа сезона веќе се досудени четири спорни пенали.
– Во неколку наврати сме биле во ваква ситуација. Не го заслуживме тоа. Лоша среќа не следи. Имавме сериозен разговор, се обидов да останам смирен. Не сум лут на никого. Не злоупотребувам никого. Тоа беше само разговор, ни беа одземени шест-седум поени. Не може со сета технологија, во најдобрата лига на светот, да се случува ова. Не можам да прифатам дека толку често одлуките одат против нас“.
По 13. коло во Премиер лигата, Вулверхемптон е 12. со 15 бодови.