Top Sport

Англиски менаџерски „рингишпил“ – тренерот замина по 26 дена

Ричард Мани веќе не е тренер на англискиот петтолигаш Солохал Мурс, заминувајќи си за неверојатни 26 дена.

62-годишниот Мани беше именуван за главен тренер на тимот на 5 октомври, но не го доврши месецот, поднесувајќи оставка по 4:0 поразот од АФЦ Филд, со кој неговиот тим е на последното место на табелата.

Мани, кој претходно бил тренер на Волсол, Лутон и Кембриџ, вели дека не можел да се посвети на работата.

„Има многу луѓе во овој клуб кои работеле напорно да го кренат на највисоко можно ниво, а за тоа е потребен некој кој може целосно да се посвети на иднината на клубот. За жал, јас тоа не можам да го направам тоа“, вели Мани.

Мани беше одговорен за шест натпревари со Солихал, победувајќи само еднаш.

Сепак, овие 26 дена не се рекорд. Ви ги пренесуваме сличните „кратки“ приказни од англискиот менаџерски рингишпил.

ЛИРОЈ РОСЕНИОР – Торкви, 10 минути

Еден од најпознатите случаи за краткотрајни менаџери е Лирој Роситер, кој беше вратен на клупата на Торкви во мај 2007, за клубот веднаш да биде продаден и новите сопственици да му дадат оставка 10 минути по неговото откривање на прес-конференција.

БРАЈАН ЕТКИНСОН И ШОН ГРЕГАН – Дарлингтон, 5 дена

Тренерите Еткинсон и Греган беа поставени како тренери до крајот на сезоната по заминувањето на Мартин Греј на 1 октомври. На 5 октомври тие останаа без работа – Еткинсон замина со Греј да работи во неговата академија, додека Греган изјави дека оваа работа „не носи сигурност“.

СТИВ КОПЕЛ – Манчестер сити, 33 дена

Поранешниот англиски фудбалер ја презеде клупата од Алан Бол во октомври 1996 година, но не успеа да се справи со притисокот на „Мејн роуд“, заминувајќи си експресно по само 6 натпревари.

ДАРКО МИЛАНИЧ – Лидс, 33 дена

Словенецот Дарко Миланич го замени Дејв Хокадеј на „Еланд роуд“ во 2014 година. Откако не успеа да победи во ниту еден од шесте натпревари, тој беше отпуштен од контроверзниот Масимо Челино.

ПОЛ ГАСКОЊ – Кетеринг таун, 39 дена

Популарниот Газа имаше кратка авантура во менаџерските води, откако го презде петолигашот Кетеринг во 2005 година. За неговиот краток престој медиумите го обвинуваа алкохолизмот, додека Гаскоњ тврдеше дека имал премногу мешање од управата на клубот.

Scroll to Top