Менаџерот на Зинедин Зидан, Алан Миљачио, ги отфрли медиумските шпекулации дека поранешниот тренер на Реал Мадрид ќе го замени Маурицио Покетино на тренерската клупа на ПСЖ. Претходно денеска француската радио станица „Европа 1“, објави дека Зидан ќе биде новиот тренер на ПСЖ.
„Сите овие шпекулации кои кружат во јавноста се неосновани“, изјави Миљачио за „лекип“.
„Јас сум единствениот човек кој може да го застапува и советува Зинедин Зидан, а факт е дека ниту Зидан, ниту јас не сме директно контактирани од сопственикот на ПСЖ“, додаде тој.
Покетино, кој го презеде ПСЖ пред 18 месеци, не успеа да го однесе клубот до толку посакуваната титула во Лигата на шампионите, беше елиминиран од Реал Мадрид во осминафиналето.
ПСЖ оваа сезона ја освои титулата во Франција, но тоа не ги задоволува клупските апетити.
Зидан (49) е без клуб откако го напушти Реал Мадрид на крајот од сезоната 2020/21.