Top Sport

Мендиета за својот живот како диџеј: Знам дека личам на Давид Гета!

Поранешниот фудбалер на Валенсија и Мидлзборо, Гаизка Мендиета повеќе од две децении воодушевуваше со својата фудбалска игра, но по пензионирањето најде „втора кариера“ како професионален диџеј во Шпанија.

„Секогаш сакав да пуштам песни за забава, но навистина не мислев дека ќе работам како диџеј кога ќе се повлечам од фудбалот. Претходно пуштав музика во некои мали клубови со малку луѓе, а сега одам и на фестивали со илјадници млади луѓе“, вели 44-годишниот Мендиета во интервју со британскиот таблоид „Сан“.

Мендиета се пензионираше пред 11 години со две финалиња од Лигата на шампионите со Валенсија, и со англиски Лига куп и финале на УЕФА купот со Мидлзборо, а дебито зад грамофоните го имаше во 2010, кога еден негов пријател побара тој да пушта музика на фестивалот во Беникасим.

„Имав два грамофони и еден ЦД-плеер и нешто не функционираше. Музиката се слушаше, но јас не знаев што се случува. Но, потоа беше фантастично. Оттогаш за мене има само фестивали и настапи. Навистина не очекував“, вели Мендиета, кој може да се пофали со колекција од 5.000 плочи.

Сепак, и тој не може да избега од фактот дека физички е многу сличен со славниот француски диџеј, Давид Гета.

„Да, луѓето ми го кажале тоа. Но, мислам дека тој многу повеќе се забавува од мене. Го ценам, но тоа не е мојот стил на музика. Јас преферирам соул и рокенрол“, вели Мендиета.

Scroll to Top