Лионел Меси во интервју за британскиот „Експрес“ вели дека аргентинската репрезентација има доволно квалитет да стане шампион во Русија пред првиот натпревар по групи против Исланд.
„Предизвикот е да станеме шампиони. Знам дека тоа нема да е лесно, но сигурен сум дека Аргентина има доволно силен тим за титулата. Ако сите фудбалери веруваат во тоа, тогаш можеме да бидеме конкурентни“, вели Меси.
30-годишниот Меси беше клучниот човек во аргентинската репрезетанција во квалификациите за Русија, во кои тимот го фати „последниот воз“ со победа на гости кај Еквадор благодарение на хет-трикот на Меси.
Во аргентинскиот тим дефинитивно не недостасуваат ѕвезди – тука се Серхио Агуеро, Николас Отаменди, Гонзало Игуаин, Пауло Дибала, Хавиер Масчерано и Анхел ди Марија.
„Квалификациите беа компликувани за нас бидејќи ни требаше долго време да се пласираме, но најважно е што сме тука и сега ќе го дадеме нашиот максимум. Имаме искуство и во секој натпревар ќе играме како да е финале. Навикнати сме на притисокот. Мораме да почнеме добро. Исланд имаа добро Евро и ќе биде тешко против нив, а потоа доаѓаат и Хрватска и Нигерија, два силни и компактни тима“, додава Меси.
Фото: ЕПА