Top Sport

Меси и Барса „растураат“, сè помалку фанови на „Ноу камп“

Барселона се обидува да се справи со драстичното намалување на навивачите на домашните натпревари на „Ноу камп“, а очигледно не помага и фантастичната игра на Лионе Меси во деби сезоната на тренерот Ернесто Валверде и огромната предност на табелата во Ла лига.

Во споредба со минатата сезона, Барселона има за 12.682 помалку фанови на секој натпревар, по што многумина се прашуваат дали заминувањето на Нејмар во Пари Сен-Жермен го намали интересот на Каталонците за фудбалот.

Сепак, јасно е дека 150.000 „социос“ (членови) на Барселона веќе не се „тепаат“ за билети. Во 16 домашни натпревари на Барселона оваа сезона, ниту еден не беше распродаден, во споредба со два натпревари (против Реал Мадрид и Манчестер сити) во овој дел од сезоната. Дури и дуелот со Јувентус привлече 78.656 фанови, најмногу оваа сезона, но далеку од капацитетот од 99.000 седишта.

Покрај тоа, само уште три меча оваа сезона привлекоа повеќе од 70.000 гледачи, сите вечерни од 20.45 часот. Најголем пад е во Европа – 60.673 просек во настапите по групи во ЛШ во споредба со 78.912 минатата сезона.

Дел од проблемот на Барселона е што на хартија, речиси секој билет за секој натпревар беше сметан како продаден и во сопственост на „социос“. Членовите треба да го информираат клубот дали ќе присуствуваат на одреден меч, за да може да се стават билетите на продажба. Проблемот е во тоа што членовите чекаат до последен момент да се откажат од билетите. Од Барса не се загрижени.

„Во следните месеци посетеноста ќе расне, поради подобрите временски услови и големите мечеви, посебно во Лигата на шампионите“, велат од Барса.

Scroll to Top