Заминувањето на Лионел Меси од Барселона и бесплатниот трансфер во ПСЖ предизвика еден куп реакции во светот на фудбалот и последна која се јави е потпретседателката на Вест хем, Карен Брејди.
Во колумна за таблоидот „Сан“, Брејди посочи на огромните финасиски средства кои Меси ги добиваше од каталонскиот клуб, кои не можат да се оправдаат со ниту една титула.
„Лионел Меси можеби беше најголемиот фудбалер на сите времиња, но плата од 70 милиони евра годишно значи дека беше и црна дупка за пари. Се вели дека беше подготвен да прифати половина помала плата, но сепак, замина во Париз. Секако, виновен е претходниот претседател Жозеп Марија Бартомеу, кој ги остави каталонските гиганти на дното со вакво трошење“, вели Брејди.
Сепак, таа гледа и позитивна работа во целата „мешаница“, во потегот на Жерард Пике да ја намали својата плата за клубот да може да ги регистрира играчите.
„Ќе има многу жалење и кукање кај гордите Каталонци кога ќе го видат прогресот на Пари Сен-Жермен подмачкан од богатите газди. Јас преферирам нешто поприродно. Затоа главниот наслов не треба да биде заминувањето на Меси, туку посветеноста на Пике“, додава Брејди.