Најдобриот фудбалер на Барселона Лионел Меси е пресреќен што успеал да дојде до бројката од 100 гола во Лигата на шампионите, но потенцирал дека пласманот во четврт-финалето е поважен од неговата лична статистика.
Меси во синоќешната победа на Барселона над Челси (3:0) постигна два гола и стана вториот фудбале во историјата на елитното натпреварување со 100 и повеќе гола. На првото место е Кристијано Роналдо со 117 гола.
„Среќен сум што го постигнав 100. гол во едно вакво моќно натпреварување, меѓутоа најважно е што Барселона е во четврт-финалето. Важно беше рано да ги „отвориме“ и задоволен сум што тоа се случи. Сепак дури кога го постигнавме третиот гол се беше готово“, рекол Меси.
Аргентинецот му се заблагодарил и на менаџерот на Челси Антони Конте и неговите зборови дека тој ја направил разликата помеѓу двата тима.
„Слушнав што кажал и можам само да му се заблагодарам. Единствено што сакав е да се пласираме во четврт-финалето и драго ми е што успеавме“, дополнил Меси.
Покрај Барселона пласман во четврт-финалето изборија Севилја, Реал Мадрид, Јувентус, Рома, Манчестер Сити, Ливерул и Баерн Минхен.
Четврт-финалните двојки ќе бидат извлечени утре во 12 часот, во Нион.
Фото:EPA