Аргентинскиот капитен, Лионел Меси вели дека актуелните шампиони Франција и Бразил се први фаворити за победа на Светското првенство во Катар бидејќи имаат група на играчи кои долго време играат заедно.
Во интервју за „Директ ТВ“, Меси вели дека Бразил, Германија, Франција, Англија и Шпанија секогаш се фаворити пред големите натпреварувања, но ги посочува Франција и Бразил како репрезентации кои се чекор понапред пред првенството од 20 ноември.
„Секогш ги посочуваме истите големи тимови…. Но, ако морам да избирам, Бразил и Франција се први кандидати за титулата од Светското првенство. Ја имаат истата група играчи долго време, функционираат добро. Франција, освен на последното Европско првенство, ги имаат истите импресивни играчи. Имаат јасна идеја под селекторот. Истото е и со Бразил“, вели Меси.
Тој не ги спомена Аргентинците, иако немаат пораз во 35 меча, а минатото лето го освоија трофејот од Копа Америка со победа над Бразил во финалето. Аргентина последниот тест пред СП го има против Обединетите Арапски Емирати во ноември, а на СП се во група со Саудиска Арабија, Мексико и Полска.