Лионел Меси проговори за свирежите кои ги добиваше од навивачите на Пари Сен-Жермен, признавајќи дека постоел „раздор“ со навивачите на францускиот клуб во двете години кои ги помина таму.
Меси беше пречекан со свирежи од навивачите кога се врати од ненајавениот одмор во Саудиска Арабија и суспензијата на клубот. Сега, со најавениот трансфер во Интер Мајами, Аргентинецот призна дека имало дел од навивачите кои не го трпеле, но дека и неговите соиграчи Нејмар и Килијан Мбапе добивале ист третман.
„На почетокот беше одлично, добивав голема поддршка, но потоа луѓето почнаа да ме третираат поинаку, дел од навивачите на Париз. Мнозинството од друга страна, не го смени односот кон мене. Имаше раздор со голем дел од навивачите во Париз и секако тоа не беше мојата намера. Но, тие работи се случуваа и со Мбапе и Нејмар, тоа е нивниот начин. Но, уште се сеќавам на тие луѓе кои ме поддржуваа исто како на почетокот“, вели Меси во интервју за „РМЦ“.