Хорхе Меси, таткото и менаџер на ѕвездата на Барселона, Лео Меси го информирал клубот дека неговиот син е подготвен да почне со преговарање за нов договор со кој тој би останал на „Ноу Камп“ до 2023 година, јавува шпанскиот „Ел мундо депортиво“.
Околу договорот на Меси има многу шпекулации, бидејќи тој е обврзан со каталонскиот клуб до 30 јуни 2021 година, кога исто така завршува и последниот мандат на претседателот на клубот, Жосеп Марија Бартомеу. Во септември беше потврдено дека Меси во својот договор има клаузула со која може да замине и следното лето, по што Аргентинецот ги уверуваше навивачите дека не планира да го направи тоа.
Бартомеу призна дека би сакал пред крајот на својот мандат да ја заврши работата со Меси и тој да го потпише својот деветти професионален договор со каталонскиот клуб. Иако има 32 години, Меси неодамна ја освои својата шеста „Златна топка“ и игра на такво ниво, што три дополнителни сезони не би значеле многу.