Top Sport

Меси најплатен играч, Симеоне ги предводи тренерите

Фудбалерот на Барселона Лионел Меси има најголеми месечни примања, покажува истражувањето на спортскиот дневник „Лекип“. Кај тренерите приматот го држи стратегот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне.

Месечната бруто плата на Меси, кој пред два месеци шести пат во кариерата ја освои „Златната топка“, изнесува 8,3 милиони евра. Тоа е речиси двојно повеќе од плата што ја добива Кристијано Роналдо во Јувентус. Португалецот месечно заработува 4,5 милиони евра.

Аргентинецот и Португалецот се далеку пред Нејмар кој е зад нив на листата. Бруто платата на месечно ниво на Бразилецот е три милиони евра. Зад Нејмар се фудбалерите на Барселона Луис Суарез и Антоан Гризман (2,9 милиони евра), а потоа следат Герет Бејл и Еден Азар од Реал Мадрид (2,5 милиони евра).

Младата ѕвезда на ПСЖ, Килијан Мбапе, на оваа листа се наоѓа на осмото место со месечна плата од 1,9 милиони евра.

Тренерите ги предводи Диего Симеоне. Неговата месечна плата во Атлетико изнесува 3,6 милиони евра. Зад Аргентинецот се Пеп Гвардиола (Манчестер сити/1.94), Жозе Мурињо (Тотенхем/1,46), Јирген Клоп (Ливерпул/1,46), Зинедин Зидан (Реал/1,4) и Антонио Конте (Интер/1,38).

Scroll to Top