Лионел Меси во интервју за „ЕСПН“ вели дека Аргентина не е фаворит за Копа Америка ова лето бидејќи „албиселесте“ се влезени во „процес на промени“.
Аргентина играше во четири од последните пет финалиња на Копа Америка и беше поразена во сите четири, вклучувајќи ги двата порази на пенали од Чиле во последните две изданија. Оваа година на турнирот во Бразил тие стартуваат против Колумбија на 15 јуни, пред дуелите со Парагвај и гостинот на турнирот Катар.
Како пред секој јужноамерикански шампионат, Аргентина и Бразил се апсолутни фаворити, но Меси вели дека е тешко да се очекува дека Аргентинците ќе ја прослават својата 15. титула.
„Не сме конкуренти како во минатото. Ќе влеземе на турнирот со исти соништа и очекувања, но реалноста вели дека Аргентина поминува низ процес на промени“, вели Меси, кој има загубено во четири финалиња со репрезентацијата – три на Копа Америка и едно на Светското првенство.
Аргентинците последен пат освоија интернационална титула во 1993 година на Копа Америка, кога го победија Мексико во финалето со 2:1.