Сите информации велат дека треба да се подготвиме за најнеочекуваното нешто во светот на фудбалот во 2020 – дека Лионел Меси ќе замине од својата сакана Барселона.
Во неверојатен развој на настаните, аргентинските и шпанските медиуми тврдат дека Меси воопшто не искомуницирал директно со главните луѓе на клубот, туку дека пратил факс со кој бара активирање на клаузулата на договорот со која бесплатно ќе замине од клубот уште ова лето.
Очигледно неимпресиониран од промените во клубот и ангажирањето на Роналд Куман како заменик на Кике Сетиен по 8:2 поразот од Баерн Минхен пред две недели, Меси сака да замине веднаш и тоа бесплатно.
Во договорот на Меси има клаузула со која тој последните две сезони може да замине без отштета (која Барса ја постави на невозможни 700 милиони евра), иако таа треба да биде активирана пред 1 јуни. Меси и неговите претставници тврдат дека поради корона кризата и одложувањето на сезоната, клаузулата е валидна до 31 август.
Аргентинскиот „TyC“ исто така тврди дека во пратениот факс (што е неверојатна технологија во 21. век), Меси посочил дека нема да се појави на саботните медицински тестови и дека нема да игра на пријателски мечеви на тимот.
Меси е во клубот од својата 13-та година, а дебитираше во првиот тим во 2005. Тој е рекордер на Барса со 634 голови и има освоено најмногу трофеи во историјата на клубот (34).
Лео Меси веќе направил одлука, наскоро ќе објави дека заминува од Барса?