Најдобриот аргентински фудбалер Лионел Меси решил до крајот на годината да не игра за националниот тим. Одлуката е логична со оглед на катастрофалниот настап на Меси и аргентинската репрезентација на Светското првенство во Русија.
Информацијата дека Меси нема да ги прифаќа повиците за настап во националниот тим ја објави новинарот на „ТНТ“, Ернан Кастилјо.
„Меси нема да игра за репрезентацијата на Аргентина до крајот на годината. Лео не ја завршил интернационалната кариера, но извесен период ќе го нема во репрезентацијата. Кога планира да се врати, ќе дознаеме подоцна“, напишал Кастилјо на својот профил на „Твитер“.
Messi no estará en los partidos de la @Argentina en este año. Ni hasta nuevo aviso. Veremos en el futuro aunque hoy es un NO fuerte. @TNTSportsLA
— Hernán Castillo (@HernanSCastillo) August 14, 2018
Инаку, Аргентина по отказот што го доби Хорхе Сампаоли привремено ја водат Лионел Скалони и Пабло Аимар. Двајцата разговарале со Меси но не успеале да го убедат да ја смени одлуката.
Меси нема да настапи на пријателските натпревари против Гватемала и Колумбија на 7. и 11.септември.
Најдобриот Аргентинец втор пат се повлекува од репрезентацијата. Во јули 2016 година тој се повлече од националниот тим по поразот од Чиле во финалето на Копа Америка.