Лионел Меси му се извини на напаѓачот на Зенит Санкт Петерсбург, Себастијан Дриуси откако помисли дека аргентинскиот сонародник е обичен навивач кој бара селфи.
Меси е во Русија каде што денеска од 14 часот Аргентина игра пријателски натпревар со Русија на обновениот „Лужники“, и 30-годишната ѕвезда на Барселона се фотографираше со фановите и делеше автограми. Помеѓу тие кои ја искористија шансата беше Дриуси, кој се пофали на Истаграм: „Благодарам за фототот со идолот Лео Меси“.
Меси подоцна сфати дека направил грешка, и подоцна во интервју за „Фокс спортс Аргентина“ објасни дека е свесен кој е Дриуси, поранешната ѕвезда на Ривер Плејт.
„Навистина ми е тешко што не го препознав веднаш, бидејќи го познавам. Знам кој е Себастијан Дриуси. Кога ме праша за фотографија мислев дека е еден од момците кои секогаш чекаат таква шанса. Кога ја видов фотографијата на Инстаграм му се извинив и си разменивме СМС-пораки и беше интересно што имаме ист уметник за тетоважи“, изјави Меси.