Лионел Меси признава дека не можел да замисли колкави се глобалните последици од пандемијата на корона вирусот, додавајќи дека е „страшно“ да се навикнеме на „новото нормално“ пред враќањето на Ла лига во јуни.
Пандемијата на КОВИД-19 досега однесе над 350.000 животи и предизвика парализирање на нормалниот живот, секако, и на фудбалот, но знаците за враќање на спортот се пред нас. Бундеслигата веќе го одигрува третото коло, додека Ла лига стартува на 8 јуни. Меси вели дека е шокиран.
„Мислам дека никој не помислуваше дека ќе се случи вакво нешто. Некои луѓе предупредуваа дека се можни глобални пандемии, но никогаш не замислував дека е можно вакво сценарио, ниту дека ќе има огромно влијание на целиот свет. Да се живее и да се работи со таква несигурност не е лесно. Сите се прашуваме кога ќе се вратиме на работа, на тренинзи, на натпреварувања. За секој фудбалер клучно е да се остане фокусиран кога ќе излезеш на теренот“, вели Меси во интервју за „Адидас“.
За враќањето на шпанската лига, тој признава дека нема да биде исто.
„Сезоната во Шпанија ќе се заврши без гледачи и тоа носи нови предизвици. Групните подготовки се исти, но да се игра без гледачи ќе биде страшно. Сепак, со тоа што се случува, можеме да разбереме. Технички, ќе биде истата сезона, но сите ќе чувствуваме дека ќе биде поинаку. Потребно ни е време да се навикнеме на новата нормалност“, додава Меси.