Top Sport

Меси уште не бил убеден од промените во Барселона

Иднината на Лионел Меси во Барселона не е сигурна и покрај големите промени кои се најавени во каталонскиот клуб, тврди шпанска „Марка“.

Меси има договор со клубот каде што ја помина цела кариера до јуни 2021 година, но последните две години тој имаше опција да замине без отштета по крајот на секоја сезона. Барселона ги почна промените во клубот по 8:2 срамот од Баерн Минхен со отпуштање на тренерот Кике Сетиен и спортскиот директор (и трн во окото на Меси), Ерик Абидал, и се очекува со Роналд Куман да се изврши стабилизација барем до март 2021 кога ќе се оддржат новите избори за претседател во клубот.

Актуелниот претседател на клубот, Жосеп Марија Бартомеу изјави дека очекува Меси да ја заврши кариерата во Барселона, но весниците „Спорт“ и „Марка“ не веруваат дека ситуацијата е толку едноставна.

Според „Марка“, Меси сака да ги слушне плановите за иднината на Куман и на управата на клубот, односно кои фудбалери ќе бидат „набркани“, а кои донесени на „Ноу Камп“ пред да ја донесе конечната одлука.

Доколку навистина се реши да замине од Каталонија, единствени реални кандидати за Меси се Манчестер сити, каде што е неговиот поранешен ментор Пеп Гвардиола и Интер, кои подолго време не ја кријат желбата да го донесат во Серија А. Шпекулациите дека Интер има предност се зголемени бидејќи тој и неговиот татко и агент, Хорхе Меси, купија недвижнини во Милано, за да ги искористат даночните олеснувања за странски инвеститори.

Scroll to Top