Никој не очекуваше Аргентина да блеска на Мундијалот во Русија по неубедливите квалификации и подготовки, но сепак, малкумина ќе се обложеа дека токму Исланд, најмалата нација на еден Мундијал ќе успее да ги задржи на 1:1 реми.
Играта на Аргентина во последните години е апсолутно фокусирана на еден човек, Лионел Меси, и кога тој нема да има свој ден, тогаш „албиселесте“ е само просечен тим. Саботата дефинтивно не беше ден за Меси, откако суперѕвездата на Барселона утна пенал за победа, имаше два неубедливи обиди од слободен удар и еден удар кој во последните 10 минути „профуче“ покрај дирекот.
Во првите 10 минути од мечот имаше две добри шанси на двете страни. Во осмата минута прво Меси од слободен удар го наоѓа Таљафико, кој со глава удира над голот, а веднаш потоа искористувајќи ја лошата интервенција на аргентинската одбрана, Бјарнасон имаше одлична шанса да ги шокира фаворитите, но не беше прецизен.
Аргентина доаѓа во водство во 19. минута по одличната акција откако фудбалерот на Манчестер јунајтед, Маркос Рохо го наоѓа ривалот од Манчестер сити, Серхио Агуеро, кој фантастично ја поминува одбраната за водство на „албиселесте“.
Исланд по само пет минути игра го постигнува првиот гол на Мундијалите, откако напаѓачот на Аугзбург, Алфред Финбогасон искористи уште една очајна интервенција на голманот Кабалјеро и на целата одбрана за да израмни на 1:1. До крајот на полувремето, Аргентина тргна во напад и двапати бараше пенал, но по консултација со ВАР, судијата Марчинијак не досуди на белата точка.
Аргентинците доминираа во поседот на топката и во шансите во текот на целото прво полувреме, за да добие шанса за сигурно водство откако Меза беше соборен во шестнаесетникот на Исланд во 64. минута. Меѓутоа, обично сигурниот Меси од белата точка овојпат само го најде голманот Ханес Халдорсон, кој секако ќе биде херој на нацијата од едвај 335 илјади жители.
Фото: ЕПА