Кристијано Роналдо го изненади фудбалскиот свет кога летово реши по девет години да го напушти Реал и да ја прифати понудата на Јувентус. Иако се шпекулираше дека ПСЖ и Манчестер јунајтед биле сериозни во намерите да го донесат Португалецот, првиот човек на Реал, Флорентино Перез, неодамна изјави дека единствената понуда за трансфер стигнала од Торино.
Денес, шпанските медиуми, објавија интересна информација во врска со трансфер фамата што владееше околу Роналдо.
„Марка“, медиум што секогаш добро знае што се случува во „кралскиот клуб“, објави дека првата понуда за трансфер на Роналдо стигнала од Милан.
Челниците на екипата од „Сан Сиро“ испратиле официјална понуда од 150 милиони евра, но Роналдо бил тој што одбил трансфер во Милано.
Дури по завршувањето на Светското првенство, Кристијано решил дресот на Реал да го замени со оној на Јувентус, иако понудата од „старата дама“ била за 50 милиони евра пониска од онаа на Милан.