Top Sport

Милан ќе го следи „моделот“ на Јувентус

Извршниот директор на Милан, Марко Фасоне признава дека неговиот клуб мора да „го следи“ примерот на вечниот ривал Јувентус за да се придвижи во вистински правец.

Јуве стигна до седмата титула во Серија А едноподруго, продолжувајќи го сопствениот рекорд, додека Милан, и покрај тоа што има нов кинески сопственик едвај успеа да избори место во Лигата на Европа.

„Многу години Милан и Интер беа поврзани со две многу блиски семејства. Силвио Берлускони беше 31 година во Милан, а семејството Морати речиси исто време беше во Интер, и двете семејства имаа победнички модел, заедно со Јувентус. Семејниот модел очигледно веќе не постои, бидејќи двата клуба од Милано и Рома избраа странски сопственици, Интер го направи тоа двапати. Берлускони и Морати имаа успеси и триумфи, иако тие беа проследени со сомнителни економски и финансиски избори. Од 2013 навака ситуацијата се смени. Интер се како огледало за нас – тие направија сѐ да ја вратат конкурентноста и успеаја оваа година“, вели Фасоне.

Според него, сега стартува новата ера во италијанскиот фудбал и на „росонерите“ треба да им се даде време пред да се носат престроги оценки.

„И ние и Интер сме зад Јувентус и мораме да научиме од нив и да го интегрираме тоа во фудбалскиот систем. Седум скудета во низа е одличен успех за Јувентус, иако не е многу добро за конкурентноста на италијанскиот тим. Жал ми е да кажам дека Интер и Милан се речиси двојно зад ’бјанконерите’ и таа разлика нема лесно да се надмине. Но, ќе се обидеме да го следиме нивниот модел“, вели Фасоне.

Фото: ЕПА

Scroll to Top