Top Sport

Сеп Блатер ќе биде во Русија

Суспендираниот поранешен претседател на ФИФА, Сеп Блатер ќе биде во Русија на Мундијалот по покана на претседателот Владимир Путин, потврди неговиот портпарол, Томас Ренгли.

Швајцарецот, кој беше на чело на светската куќа на фудбалот 17 години, доби суспензија за прекршување на етичките стандарди во 2015 година (заедно со тогашниот претседател на УЕФА, Мишел Платини) во најголемиот корупциски скандал во историјата на ФИФА.

82-годишниот Блатер уште не одлучил кога ќе патува во Русија и на кој натпревар ќе присуствува, но тоа сигурно нема да биде на отварањето на шампионатот меѓу Русија и Саудиска Арабија во четврток. ФИФА не го коментираше неговото присуство.

Блатер беше на чело на ФИФА кога Русија ја доби организацијата на СП во 2010 година победувајќи ја меѓу другите и Англија. Во 2015, Путин изјави дека Блатер заслужува Нобелова награда за водството на ФИФА и дека е сигурен дека Блатер не е вклучен во корупцискиот скандал.

Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков уште во октомври изјави дека Блатер и Платини се добредојдени во Русија како „стари пријатели“ на Путин.

Фото: ЕПА

Scroll to Top