Фудбалерите на Милан стигнаа до осмата победа во деветтиот сезонски меч во Серија А. На „Ренато Дал`ара“ во Болоња, славеа со 4-2 против пулените на Синиша Михајловиќ.
Во крајно возбудлив меч, со 6 гола, од кои еден автогол, 2 црвени картони и одлични голмански интервенции, пред се на домашниот чувар на мрежата Скорупски „Росонерите“ стигнаа до трите бода кои ги носат, барем до утре на чело на табелата.
Рафаел Леао во 16 минута, по асистенцијата на Златан Ибрахимовиќ донесе предност за „црно-црвените“ од 1-0.
Само 4 минути подоцна, Болоња остана со играч помалку на теренот откако Сумаро поради прекршок на 20 метри од зад грб доби директен црвен картон.
Во 35 минута, капитенот на Милан, Калабрија со одмерен удар од 20-тина метри носи предност од 2-0 за својата екипа.
На самиот почеток на вториот дел, една лоша интервенција на Ибрахимовиќ во својот шеснаесетник носи резултат 1-2 на семафорот.
По само 3 минути, во 52 минута и неуспешната офсајд замка на „Росонерите“, Бароу израмнува на 2-2.
Ерупција од воодушевување на трибините.
Домашните играчи се затворија во својот казнен простор, а при еден напад од левата страна на Туре, судијата Паоло Валери по вторпат вечерва го покажа црвениот картон. Овојпат за домашниот капитен кој невнимателно налета со копачката на ногата на Туре.
Од таа 58 минута, Болоња со двајца играчи помалку во поле одржуваше 2-2, пред се поради одличните интервенции на голманот Скорупски.
Сепак, Бенасер во 84 минута начека една одбиена топка, па со волеј од 20-тина метри ја затресе противничката мрежа.
До крајот на мечот играта на Болоња комплетно се распадна, па Златан Ибрахимовиќ со одмерен удар надвор од шеснаесетникот, во 90 минута ги постави конечните 2-4.
Во останатите два денешни дуели, најпрво Салернитана на свој терен загуби со 2-4 од Емполи, а подоцна Сасуоло со 3-1 беше подобар од Венеција.