Милан стигна до убедлива 4:1 победа на гостувањето кај Лече во првиот меч по рестартот на Серија А за да се искачи на седмото место на табелата, додека Фиорентина одигра само 1:1 против „отпишаната“ Бреша.
Саму Кастилјехо се запиша во листата на стрелците во 14. минута за водство на „росонерите“, а во 36. минута, домаќините сметаа дека израмнија, но голот на Мекариело беше поништен поради офсајд. Лече, конечно, успеа да израмни во 54. минута преку Манкосу по еден неубедливо досуден пенал.
Меѓутоа, веќе во следниот напад, Џек Бонавентура пак го врати водството на Милан, за две минути подоцна Анте Ребиќ да продолжи со голгетерската серија која ја имаше започнато пред паузирањето на сезоната. Рафаел Леао во 72. минута ја надополни катастрофата на Лече, кои остануваат во зоната за испаѓање на 18. место со 25 поени.
Во нервозен меч во Фиренца пак, Фиорентина успеа да одигра само 1:1 со Бреша. Алфредо Донарума од пенал во 17. минута ги донесе гостите во водство, пред Херман Пецелја да израмни вп 29. минута. Фиорентина во второто полувреме остана и со играч помалку по црвениот картон на Касерес. Виола е на 13. место на табелата со само 31 поен, додека Бреша имаат 17 поени на последното место на табелата.