Поранешниот шведски репрезентативец, Хакан Милд вели дека англиските репрезентативци се однесуваат како „разгалени деца“, и дека нивната ароганција ќе придонесе Шведска да се пласира во полуфиналето на Мундијалот.
Милд, кој играше во Премиер лигата со Вимблдон во 2001 и 2002 година, имаше 74 настапи за Шведска од 1991 до 2001 година и постигна три гола против англиската репрезентација. Иако во Англија постои мислење дека репрезентацијата на Герет Саутгејт покажува „скромност“ и заедништво, Милд не мисли така.
„Не можевме да добиеме подобра ждрепка. Тие мислат дека се толку добри, а всушност не се. Се работи за разгалени деца кои заработуваат многу пари и ја немаат потребната очајност за победа во големите натпревари“, вели Милд за шведското радио.
Тој додава дека никој не се плаши од Англичаните.
„Кога ќе го видите нивниот тим воопшто не се плашите. Ако ги минеме првите 20 минути добро, тогаш одиме понатаму. Тие се ограничен тим“, објаснува Милд.