Top Sport

Миленковски: Потенцијален инвеститор би вложил во Вардар, но државата треба да го „откочи“ процесот

Најтрофејниот македонски клуб Вардар би можел да добие нов странски инвеститор кој би вложил 18 милиони евра, но државата треба да помогне и да го откочи процесот.

„Странски инвеститор сака да вложи 18 милиони евра. Се работи за инвестиција, која што е сѐ уште во преговори, а првично треба да биде покриен долгот од 3 милиони евра. Институциите мора да одговорат колку е долгот на ФК Вардар. УЈП, Владата на Република Македонија не нѐ удостоиле со одговор. Деновиве имавме разговори со претпријатието за станбен и деловен простор, долгот е околу 200.000 евра и договорено е да се плаќа на рати“, изјави Милорад Миленковски.

Вардарци ја чекаат да се спроведе и одлуката на Советот на Град Скопје, кој изгласа на клубот да му бидат доделени 15 милиони денари. Сѐ друго, како што кажаа раководните луѓе, досега обезбедуват Комити преку свои спонзори.

„Го „затворивме“ месец август што се однесува до плати за сите оние кои се дел од клубот. Ние работиме волонтерски, а досега максимално се вложуваме да обезбедиме сѐ што можеме, од подготовките во Златибор, преку карантините за сите гостувања, до спортска опрема, суплементи и друго“, дополни Миленковски.

Разговори со претставници на владата, сепак, постојат.

„Откако се најави оваа прес-конференција, интересно, се јавија веднаш дел од институции па имавме еден конструктивен разговор со ПУИГ на кои ни беше ветено дека ќе бидат реализирани дел од нашите барања доставени уште во јуни. Да бидеме искрени, откако ја најавивме оваа прес-конференција не повика и претставник на Владата задолжен за спортските прашања, па очекуваме наскоро одговор од Владата затоа што факт е дека повеќе се нема време ако навистина се сака помош за клубот“, изјави Миленковски.

Вардар во моментот е последен на прволигашката табела, во пресрет на 9.коло и гостувањето против Брегалница во Штип в недела.

Scroll to Top