Фудбалерот на Баерн, Томас Милер, верува дека Ливерпул вечерва ќе стане европски првак. Тој вели дека дуелот помеѓу Ливерпул и Реал Мадрид може да се реши само со пенали, а на Ливерпул му дава поголема шанса да го освои трофејот.
Милер ќе има по еден поранешен соиграч во секој тим – Тиаго Алкантара во Ливерпул и Давид Алаба во Реал. Иако вели дека верува оти Ливерпул е подобар тим, Милер додава дека не смее да се занемари историјата на Реал во Лигата на шампионите.
„Мојот впечаток е дека Ливерпул е подобар тим. Но, сето она што Реал го направи во Лигата на шампионите го прави тим што никој никогаш не треба да го отпише. Предвидувам дека ќе биде 2:2 и дека Ливерпул ќе победи на пенали“, изјави Милер за германскиот весник „Тз“.
Ливерпул оваа сезона освои две титули на пенали, во Лига купот и ФА купот. Особено впечатлива беше серијата во финалето на Лига купот, која беше решена дури по 11 серии.
Финалето на Лигата на шампионите се игра вечерва во Париз.