Top Sport

Милевски: Чувствувам дека ми треба нов предизвик

Селекторот на македонската репрезентацијата до 21 година, Благоја Милевски, го објави списокот на фудбалери на кои ќе смета на пријателските средби против Азербејџан кои се играат на 24. и 27. мај во Баку.

Дел од тимот ќе бидат фудбалери од генерацијата 1998/99 и ќе доаѓаат од тимот кој претходно играше елитна фаза на квалификации за Европското првенство.

Селекторот во заминување истакна дека оваа генерација има голем квалитет да биде конкуретна во наредните квалификации.

„Селективниот камп во месец мај ќе го одработиме во Азербејџан со два пријателски меча. На списокот имаме три до четири откажувања поради повреда – Личина, Абаз, Елмас и Митровски. Но, се надевам дека ќе бидат спремни сите да се стават на располагање веќе наесен кога се играат две квалификациски средби со Србија и Ерменија. На списокот има играчи 1998/99 година, како еден почеток на создавање на нова генерација и тим кој ќе има право на настап во следните квалификации. Има и тоа како квалитет да се биде конкурентен во следните квалификации“, рече Милевски.

Инаку, селекцијата до 21 година, наредниот месец ќе добие нов селектор, бидејќи Благоја Милевски заминува во Израел и ќе го води тимот на Ашдод.

„Благодарност за несебичната поддршка што ми ја дадовте со години. Договорот со ФФМ ми е до 1 јуни и сум на располагање дотогаш. Дали ќе патувам за Азербејџан или не, ќе одлучат од Федерацијата. Јас сум подготвен да го испочитувам договорот максимално до крај. Сето она што ќе следи потоа, за тоа ќе зборуваме потоа. Понекогаш, во животот морате да продолжите понатаму, иако тоа не го посакувате. Некако и чувствувам дека ми е потребен нов предизвик“, изјави Милевски.

Scroll to Top