Top Sport

Милевски го објави спискот за натпреварот со Украина – Повик не добија Несторовски, Велковски и Бабунски

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски го објави списокот со повикани фудбалери за квалификацискиот натпревар за ЕП 2024 против Украина во Прага и контролниот меч против Ерменија во Струмица.

Благоја Милевски за овие натпревари натпревари нема да смета на Илија Несторовски, Доријан Бабунски и Дарко Велковски кој сѐ уште нема клуб. Дефанзивецот Ѓоко Зајков не е на спиското поради повреда.

Во националниот тим, по долгото отсуство поради болест се враќа Дарко Чурлинов.

„Ова се фудбалерите кои беа и на претходниот собир. Сега со нас ќе биде и Дарко Чурлинов кој заигра за тимот до 23 години на Барнли. Ме радува фактот што е подготвен да се приклучи на репрезентацијата. Жал ми е што Зајков нема да е со нас. Разговарав со Доријан Бабунски, тој не е на списокот, што не значи дека нема да биде за следните собири.
Разговарав и со Илија Несторовски. Тој исто така не е повикан за овие натпревари од причина што сосема поинаква ни е тактичката замисла за двата натпревари. Несторовски има дадено многу за оваа репрезентација и покажуваме почит кон него со тоа што не праќаме покана колку само да биде овде, а без намера да го користиме“, рече селекторот и потоа направи мала анализа на она што ги очекува фудбалерите против Украина.

„Веќе влегуваме во завршницата и сите натпревари се клучни. Само победа ни одговара и нам, но и на Украина за да се најдеме во оптимална ситуација пред ноемвриските дуели. Очекувам отворен натпревар, бидејќи нема да се игра на реми. По ова ни следуваат дуелите со Италија и Англија, па ќе видиме. Анализиран е првиот натпревар со Украинците, особено тие завршни 30 минути. Воочени се аномалиите и позитивните работи. Ќе мора многу работи да поправиме од првиот меѓусебен меч“.

Украина ќе ја пречека Македонија на стадионот, на Спарта во Прага. Дуелот на 14 октомври ќе започне во 15 часот. Три дена подоцна Македонија во пријателски натпревар ќе игра против Ерменија.

Фото/ Игор Паневски  Извор/ФФМ

Scroll to Top