Извор/ ffm.mk
Фудбалската репрезентација на Македонија, утре ќе го одигра натпреварот од третото коло во Лигата на нации против Летонија. Во пресрет на натпреварот, во Рига, прес конференција одржаа селекторот Благоја Милевски и капитенот Енис Барди.
„Летонија има максимален респект од нас. Потенцирам дека Македонија ќе се прашува за првото место во групата.
Ќе ни недостасуваат Зајков и Серафимов, кои имаат картони, но и Чурлинов и Трајковски, кои се повредени. Сепак, сите кои се во комбинација за настап ќе одговорат на предизвикот и на тоа што се очекува од нив.
Размислувам за повеќе опции за стартниот тим, верувам дека сите останати ќе бидат здрави и ќе се стават во функција на тимот. Пред почетокот на натпреварот ќе одлучам со кои играчи ќе настапиме.
Македонија која јас ја замислувам секогаш ќе се стреми да игра на победа. Овие момци ја добиваат и ја заслужуваат целата почит. Без разлика дали играат во своите клубови или не, го даваат својот максумум кога играат за Македонија“, рече селекторот Милевски.
Капитенот Енис Барди го дели оптимизмот на селекторот во пресрет на утрешниот меч.
Барди беше дел од претходниот дуел на Македонија против Летонија во септември 2019 година во квалификациите за Европското првенство. Нашиот капитен постигна гол во победата од 2:0 во Рига.
„Како и секогаш, одговорноста е кај сите нас. Јас ќе го дадам својот максимум, па дај Боже да биде како пред пет години. Помина грипот, добро се чувствувам и максимално сум подготвен за настап.
Кога играте под притисок за докажување, секогаш вадите од себе максимален квалитет. Притисокот треба секогаш да го чувствуваме и треба да најдеме начин да го дадеме најдоброто од себе“.