Top Sport

Милевски и Елмас: Не го потценуваме Гибралтар, одиме на победа

Топспорт во Гибралтар,
Никола Ѓуровски

Фудбалската репрезентација на Македонија ја продолжува одисејата во Лигата на нации. Втор предизвик е Гибралтар и јасно е дека избраниците на селекторот Благоја Милевски ја имаат фаворитската улога. Сепак, тој не дозволува ниту најмало потценување на противникот.

„Македонија никого не потценува, напротив, максимално сериозно се подготвува за секој противник. Веруваме во победа и ќе се трудиме максимално да ја оствариме на утрешниот меч. Можеби ќе има одредени промени, но сите кои ќе настапат сигурно ќе ја сфатат улогата апсолутно сериозно“, изјави селекторот Благоја Милевски.

Ѕвездата на Наполи, Елиф Елмас, вели дека Македонија треба да ја подобри ефикасноста.

„Поквалитетни сме, мотивирани сме да оствариме победа и верувам дека сите кои ќе настапат, ќе го дадат максимумот за реализација на целта. Одиме на победа, да ги освоиме трите бода и да си одиме во Скопје. Во секој случај, знаеме дека Гибралтар е селекција која добро се брани и мора да вложиме максимални напори за да ги разбиеме“, изјави Елиф Елмас.

Натпреварот меѓу Гибралтар и Македонија почнува утре од 18 часот на стадионот „Викторија“, кој има капацитет од 2.500 гледачи.

Scroll to Top