Македонската фудбалска репрезентација приреди пријатно изненадување во Гент, извлекувајќи голем бод против силната Белгија (0:0) и задржувајќи се на врвот на групата пред последните два квалификациски меча за Светското првенство 2026.
Селекторот Благоја Милевски беше задоволен од резултатот, особено од играта во одбрана, но предупреди дека има простор за подобрување во организацијата на играта во средниот ред.
„Мораме да бидеме реални – задоволен сум од дефанзивата, но не и од начинот на кој ја организиравме играта. Извлековме максимум од натпреварот, иако знам дека можеме многу повеќе. Секако, противникот имаше големо влијание со својот квалитет, имавме и т.н. ‘фактор икс’. Сега целосно се фокусираме на следниот меч со Казахстан. Се надевам дека повредата на Висар Муслиу не е сериозна – ќе имаме појасна слика по скенирањето во наредните 24 часа“, изјави Милевски на прес – конференцијата.
Македонија ќе го пречека Казахстан во понеделник, со цел да го задржи лидерското место и да го продолжи сонот за пласман на Светското првенство во 2026 година.