Фудбалската репрезентација на Македонија утре од 17 часот во Ереван го игра претпоследниот натпревар од квалификацискиот циклус за пласман на СП во Катар 2022. против селекцијата на Ерменија.
„Рисовите“ се уште имаат надеж за пласман на второто место во групата каде неприкосновена на лидерската позиција е селекцијата на Германија.
Селекторот на нашиот национален тим, Благоја Милевски очекува интересен и отворен меч.
„И Ерменија и Македонија имаат еднакви шанси за второто место. На двете екипи им треба победа и очекувам интересен и отворен меч, поразличен од оној во Скопје. Натпреварот во Скопје мина во наша доминација, но за жал не реализиравме, сега очекуваме поинаков натпревар, отворен од двете страни, затоа што победа им треба на двете репрезентации“ – рече Милевски на прес-конференцијата во главниот ерменски град.
Има проблеми со составот, надвор од комбинација за настап се Адеми, Јаховиќ, Николов и Ракип.
„Повредите прават проблеми, тоа е хендикеп. Играчите кои се тука се подготвени да одговорат на предизвикот. Можеби има влијание што констатно имаме проблеми, меѓутоа што е, тука е. Ние сме во фаза на создавање на тим и сето ова е во функција на тоа. Нормално дека не се откажуваме ќе се обидеме да ја искористиме секоја и најмала шанса за тоа второ место“ – дециден е Благоја Милевски.