Англија ја делеа секунди до четврт-финале против Шведска, но Јери Мина со гол во 94. минута донесе израмнување за Колумбија за 1:1 и продолжение на стадионот на Спартак во Москва.
Колумбија стартуваше без својата прва ѕвезда Хамес Родригез, откако селекторот Пекерман реши дека тој не е доволно физички подготвен. Англичаните подобро го почнаа мечот, откако прво во шестата минута, Ешли Јанг имаше убав обид од слободен удар, но Оспина беше сигурен. Една минута подоцна Стерлинг добива топка во шестнаесетникот од Вокер, но колумбиската одбрана е сигурна.
Стерлинг повторно беше во добра шанса во 13. минута по грешката на Јери Мина, но Санчез ја расчистува топката. Колумбијците во тешка дефанзива од почетокот на натпреварот. Хери Кејн има голема шанса во 16. минута по додавањето од Трипиер.
Колумбија по 20-тина минути игра, конечно, тргнува напред, но англиската одбрана е сигурна. Сите напади одат од страната на Јанг. Стерлинг во 31. минута убаво го поминува Давинсон Санчез, но претера со соло-нападот. Фалкао во 33. минута го наоѓа Квинтера, кој очајно шутира.
Во 38. минута, судијата Гајгер можеше слободно да покаже пенал, откако во подготвување на живиот ѕид на Колумбија за слободниот удар, Бариос со глава го удира Хендерсон и за тоа добива само жолт картон.
Најдобрата шанса за Колумбија беше во финишот на полувремето, кога Квинтеро шутира од 16 метри, но директно во Пикфорд.
Mark Geiger awards a penalty to England for this altercation in the box. To me, it looks like Kane fouls Sanchez first but what do I know? Second pk that Sanchez has given up in this World Cup #COL #ENG #COLENG #WorldCup #WorldCupRussia2018 #FifaWorldCup2018 pic.twitter.com/z4egVZpWwL
— HotSpot Soccer (@HotSpotSoccer) July 3, 2018
Англичаните почнаа со напади и во второто полувреме, а во 54. минута доаѓа во водство со гол од пенал. Карлос Санчез влегува во боречки зафат со Хери Кејн и американскиот судија покажува пенал. Колумбијците протестираат и додека го прават тоа ја „уништуваат“ белата точка во еден не-фер потег.
Colombian player when England were awarded the penalty. #COLENG pic.twitter.com/url2Gzun1T
— FIFA World Cup (@WorIdCupUpdates) July 3, 2018
Кејн е сигурен од белата точка за свој шести гол на Мундијалот, и во исто време шести натпревар за националниот тим во кој постигнува гол, со што израмнува рекорд од 1939 година.
Нервозата кај Колумбијците расне и тие несфатливо влегуваат во конфликт за секоја топка – Фалкао и нововлезениот Бака добиваат жолти картони. Во 66. минута, Бариос го удри Али и ризикуваше втор жолт картон. Натпреварот беше на раб на инцидент, а ниту Англичаните не ја подобруваат атмосферата, откако Лингард го згазна Санчез и за тоа доби жолт картон.
Деле Али во 73. минута добива одлична топка, но пред да го најде Кејн во средината, Јери Мина успева да исфрли во корнер. Од корнерот, Мегвајр со глава удира преку голот.
Во 81. минута, Кајл Вокер прави грешка во средината на теренот, и Колумбија има совршена шанса да погоди, но Квадрадо шутира високо над голот. „Лос кафетерос“ тргнуваат во офанзива, но ударот на Фалкао во 87. минута е лесен плен за Пикфорд.
Кога изгледаше дека е готово и дека Англија веќе размислува на патот до финалето, Јери Мина го постигнува третиот гол на СП по еден корнер за Јужноамериканците, во моменти кога дури и голманот Оспина беше во шестнасетникот на Англија. Неверојатна завршница на еден потпросечен меч.
Остануваат двапати по 15 минути и потоа (за жал на Англичаните), пенали!
Фото: ЕПА