Top Sport

Мини-кризата на Челси продолжи – само поен против Вила

Астон вила успеа да остане непоразена на „Стемфорд бриџ“ заработувајќи 1:1 реми со кое остана пред Челси на табелата во Премиер лигата и ги зголеми главоболките на Френк Лампард, чиј тим има само една победа во последните пет меча.

Во моменти кога англиските медиуми шпекулираат дека Роман Абрамович веќе контактирал со отпуштениот тренер на ПСЖ, Томас Тухел како можна замена за Лампард, на „сините“ им беше потребна победа за враќање на самодовербата.

Оливие Жиру им донесе водство во 34. минута со убав удар со глава по асистенцијата на Бен Чилвел, но Анвар Ел-Гази го постигна својот петти гол во пет меча во Премиер лигата во 50-тата минута за да обезбеди реми за гостите.

Вила сега е на петтото место на табелата со 26 поени, колку што има и Челси, но со послаба гол-разлика. За „сините“ следува дуел со Манчестер сити (кој може да не се одигра по проблемите со КОВИД-19 кај Сити), додека Вила гостува на „Олд Трафорд“ кај Манчестер јунајтед.

Scroll to Top