Top Sport

Мистеријата на тестаментот на Диего Марадона

Околу тестаментот на Диего Марадона има многу шпекулации и непроверени информации, тврди италијанскиот весник „Ла република“, додавајќи дека според нивните информации тој ги исклучи поранешната сопруга и неговите ќерки од наследството, но проблем се неговите дури 11 непризнаени деца.

Според италијанскиот весник, Аргентинецот пред неколку години во видео-порака најавил дека своето богатство ќе го остави на добротворни организации, а се работи за сума од околу 100 милиони долари, бидејќи додека беше жив Диего отворил банкарски сметки во Монако, Дубаи, Синалоа, Минск и Хавана.

Меѓу наследството е и кутија со вредни спомени на Марадона во Сан Исидро, каде што ја има платинумската топка која ја доби од ФИФА, писмо од Фидел Кастро, црвена маичка од Уго Чавез, гитара на аргентинскиот пејач Андрес Каламаро и многу фудбалски дресови.

Италијанскиот весник тврди дека Диего Јуниор, синот кој Марадона го призна во 2007 и кој живее во Неапол, веќе отпатувал за Буенос Аирес како еден од петте признаени деца, но шпекулира дека постојат уште 11 деца кои не се признаени и за кои ќе мора да има ДНК тест.

Со ова се најавува дека борбата за неговото наследство ќе биде долг процес, со многу судски случаи.

Scroll to Top