Лука Модриќ, најтрофејниот фудбалер во историјата на Реал Мадрид, се пресели во Милан. Најголемите успеси во 13-годишната кариера во Реал ги постигна со „десетката“ на грбот. Во Милан ќе го носи бројот 14.
Долгогодишниот капитен на хрватската репрезентација во интервју за „ДАЗН“, пред натпреварот помеѓу Милан и Лидс во Даблин, откри зошто го избрал бројот 14. Инаку, овој број го просалави легендарниот Холанѓанец Јохан Кројф.
„Прв број на дресот ми беше 14. Потоа го задржав кога дојдов во Тотенхем и играв добро таму. Кројф е симбол на овој број – тој е играч кој му даде важност на „четиринаесетката“ и ја направи посебна. Задоволство е да се носи“, ја објасни оваа одлука 39-годишникот.
Модриќ зборуваше и за почетоците и идолот Звонимир Бобан.
„Имам речиси четириесет години, но имам и фудбалски соништа. Затоа сум тука, ова е мојот сон од детството. Фотографијата од мене како дете во тренерка на Милан е прекрасно сеќавање и покажува колку бил популарен клубот во тоа време, особено во Хрватска. Пораснав гледајќи го вашето првенство, а „росонерите“ беа мои омилени во Италија. Звонимир Бобан играше тука, тој беше мојот идол. Сега сум тука и како што реков сакам да освојувам трофеи со Милан“, истакна Модриќ.
Фото/ Принтскрин