Top Sport

Модриќ предводник на кланот на незадоволните

Поразот од Алавес (1:0) само ја продлабочи кризата во Реал Мадрид, поради што според логиката на нештата најмногу на удар е тренерот Хулен Лопетеги.

Реал на последните четири натпревари нема постигнато гол, а има само една победа на последните шест натпревари.

Поранешниот шпански селектор не се снајде на новата позиција, прашање уште колку Флорентино Перез ќе има трпение за својот тренер.

Покрај лошите резултати, медиумскиот притисок, јасно е дека ниту атмосферата во соблекувалната не е сјајна.

Медиумите во Шпанија носат интересна приказна дека во соблекувалната постои клан на незадоволни играчи, кој го предводи Лука Модриќ.

Хрватскиот репрезентативец, неколку пати од почетокот на сезоната изјавил дека не е задоволен од она што се случува во клубот и на теренот. Модриќ е незадоволен што Лопетеги често експериментира и ротира, а тој не е стандарден како во минатите сезони.

Покрај Модриќ не е задоволен ниту Марсело, но „проблем“ за овие двајца е тоа што Лоптеги по поразот од Алавес доби безрезервна поддршка од највлијателниот играч во соблекувалната, капитенот Серхио Рамос.

Сепак и покрај тоа што капитенот застана во одбрана на тренерот, иднината на Лопетеги во реал е неизвесна. Весникот „АС“, вчера објави дека претседателот Перез започнал преговори со Антонио Конте, кој од јули е без работата откако доби отказ во Челси.

Scroll to Top