Поранешниот менаџер на Манчестер Јунајтед, Дејвид Мојс, во интервју за „Талкспорт“, зборувал за периодот кога го бил промовиран во наследник на Алекс Фергусон.
Мојс посебно говорел и за трансферот на Тони Крос од Баерн Минхен во Реал, во 2014 година. Германецот, потоа стана еден од најзначајните играчи на Реал, во походот на четири титули европски првак, во последните пет сезони.
„Тони Крс се согласи да дојде во Манчестер Јунајтед. Се сретнав со него и со неговата сопруга. Ги имавме договорено сите детали уште додека беше во Баерн“, рекол Мојс.
Шкотскиот тренер, сепак не ја открива причината поради која Крос на крајот наместо во Манчестер, заврши во Мадрид.
Мојс, во интервјуто, рекол дека добил многу малку време од челниците на Манчестер Јунајтед.
По заминувањето од „Олд Трафорд“, Мојс, речиси без успех ги предводеше Реал Сосиедад, Сандерленд и Вест Хем Јунајтед.