Top Sport

Моќен пресврт на Баерн со аутсајдерот Мајнц, од 0:2 до 5:2

Европскиот и германски шампион Баерн Минхен одигра феноменално второ полувреме попладнево на својот стадион против Мајнц во рамки на 14 коло во Бундеслигата.

Четата на Флик во првите 45 минути делуваше анемично, незаинтересирано, па гостите од Мајнц знаеја како тоа да го искористат.

Најпрво Буркардт во 32 минута погоди за 0-1, а капак на очајниот прв дел на Баварците стави Хак во 44 минута. На одмор се отиде со резултат 0-2, сред Минхен.

Во второто полувреме Баварците како препородени. Создаваа шанси, а ја полнеа и мрежата на противничкиот голман.

На 1-2 намали Кимих во 50 минута, а само 5 минути подоцна резултатот беше нерешен 2-2. Стрелец Лирој Сане.

Следуваше гол за Баерн во 65 минута кој беше поништен поради офсајд, но во 70 минута на семафорот веќе стоеше 3-2. Стрелец за водство – Суле.

На 4-2 зголеми Левандовски од пенал во 76 минута, но и тоа не беше се.

Во листата на стрелци повторно се запиша Левандовски, овојпат од игра во 83 минута, по една одлична тимска акција.

Баерн со вечерашниве 3 бода повторно е лидер на табелата со 33 поени, 2 повеќе од Лајпциг.
Мајнц останува претпоследен со само 6 бода од 14 меча.

Scroll to Top