Македонската фудбалска репрезентација стигна до својата четврта победа во квалификациите за СП во Катар во 2022, откако дојдовме до убедлива 5:0 победа на гости кај Ерменија во Ереван за да ги задржиме шансите за бараж за квалификации на Мундијалот во Катар.
Енис Барди со капитенската лента, имаше хет-трик против Ерменците, а Александар Трајковски и Милан Ристовски ги дотолчија Ерменците за одлична победа на момците на селекторот Благоја Милевски и привремено второ место на табелата зад Германците.
Шансите за второто место ќе ги бараме во недела против Исланд во последното коло, но прво треба да се надеваме дека Исланѓаните ќе можат да направат проблем на Романија на вечерашниот меч, бидејќи со евентуална победа Романците ќе се пред нас на табелата, и со лесно последно коло против Лихтенштајн.
Дека во Ереван македонските репрезентативци се дојдени по победата стана јасно, со подобра игра од стартот на мечот, која во 22. минута Ашковски со фантастичен продор ја круниса со асистенција за Трајковски за 1:0. Во 36. минута од мечот, Елиф Елмас имаше убаво проигрување со Барди, кој постигна убав гол од далечина, а до крајот на полувремето имавме уште неколку добри шанси.
Во второто полувреме, Ерменците се обидоа да се вратат во игра, но во 66. минута по една убава акција, Барди беше фаулиран во шестнасетникот и мајсторски го изведе пеналот. Милан Ристовски во 79. минута само стави сол на раната на домаќините, кои исто така сонуваат за прв настап на Светско првенство, пред Барди да го комплетира хет-трикот во 90. минута со втор гол од пенал.
Графика: Sofascore за Тоспорт.мк
Фото: ФФМ
КВАЛИФИКАЦИИ, СП 2022
Ерменија – Македонија 0:5
Германија – Лихтенштајн 20.45 ч.
Романија – Исланд 20.45 ч.