Спортскиот директор на Севилја, Мончи вели дека не може да сфати зошто Манчестер јунајтед немаат таква позиција во својот клуб, бидејќи за трансфери е задолжен само извршниот потпретседател на клубот Ед Вудворд, и покрај шпекулациите кои траат повеќе од една година дека клубот бара човек за оваа позиција.
„Ѓаволите“ се критикувани од фановите и медиумите за слабата активност на пазарот на играчи, откако Оле Гунар Солскјер го доби само Дони ван де Бек од Ајакс, иако беа поврзувани и со Единсон Кавани, Усман Дембеле, Алекс Телеш, Лука Јовиќ, како и по старата „болка“ Џејдон Санчо. Од друга страна, Челси, Манчестер сити и Ливерпул, но и Арсенал, Евертон и Тотенхем беа доста активни на пазарот на фудбалери. Мончи вели дека не ја сфаќа ситуацијата.
„Ова е само мое мислење, но сите големи клубови мораат да имаат спортски директор. Што би била главната функција? Да го посвети времето и работата на спортското ниво на клубот. Клубовите трошат 60-70 отсто од буџетот на првиот тим, така што морате да имате специјалист кој работи за тоа. Манчестер јунајтед се еден од топ 5 клубовите на светот, но немаат таква позиција. Мислам дека и тие сфаќаат дека тоа е недостаток. Не ми се верува дека уште немаат таква позиција, која е клучна“, вели Мончи.