Дебаклот на Манчестер јунајтед во градското дерби го шокираше поранешниот капитен на клубот од „Олд Трафорд“, Рој Кин. Јунајтед беше поразен со 6:3 од градскиот ривал Сити, што е добар резултат со оглед на она што се случуваше на теренот на „Етихад“.
Во последните пет минути гостите со двата гола на Ентони Марсијал успеаја максимално да го ублажат понижувањето од страна на „граѓаните“. Сити го „скрши“ Јунајтед веќе во првите 45 минути кога дојде до водство од 4:0.
Поранешниот капитен, кој за време на неговите играчки денови беше олицетворение на борбеноста и го предводеше Јунајтед до седум титули во Премиер лигата, четири во ФА купот и една Лига на шампиони, откако одигра 472 натпревари, беше шокиран од играта на својот поранешен тим.
„Не можам да верувам што гледам. Јунајтед е мизерен во одбраната, очајно додава, насекаде имаат дупки. Фред и Ериксен како играчи од средниот ред ги развлекоа насекаде по теренот, се носат лоши одлуки… И можеше да заврши и полошо. Пред тренерот е огромна работа. Мора сега да излезе со се што има. Тој води голем клуб, тоа е Манчестер јунајтед, тој не може да дозволи ваков срам…“ изјави Кин како коментатор на „Скај спорт“.
„Не ми се верува колку е лош Јунајтед.. . Гордост, личност… Ништо од тоа не покажуваат“.
Монологот на запрепастениот Кин стана вирален. Поради начинот на кој го кажа, како и поради изразот на лицето додека со гадење зборуваше за играчите кои го резилат клубот на неговиот живот.
Roy Keane's half-time thoughts…?pic.twitter.com/urWkVlAtTC
— Pure Roy Keane (@PureRoyKeane) October 2, 2022