Поранешниот претседател на Интер, Масимо Морати вели дека ја разбира потребата за нов стадион во град како Милано, но вели дека не може да си го замисли градот без „Сан Сиро“.

Интер и Милан подолго време планираат нов стадион, и планот е да се сруши стадионот кој официјално го носи името на Џузепе Меаца, но подоцнежните планови не се толку јасни.

„Прво мора да се каже на луѓето на Милано каков е конечниот проект и кое е сценариото. Не мислам дека е потребен референдум, бидејќи клубовите сами треба да си ја преземат одговорноста, но треба да знаеме за што зборуваме. Милан и Интер не планираат божиќен подарок за фановите, туку си градат приватен дом. Нов стадион е приоритет за сите модерни клубови и најверојатно е потребен и неизбежен чекор. Но, така предаваме дел од историјата на двата клуба, бидејќи се работи за најсаканиот стадион во Италија.  Уште не можам да замислам Милано без ’Сан Сиро’. Кога ќе помислам на фудбал, мислам на тој стадион и мислам дека многу жители на Милан ќе се согласат со тоа“, вели Морати во интервју за „Кориере дела сера“.