Top Sport

„Можевме да ја победиме Белгија“

Фото/ ffm.mk

Македонија одигра 1:1 против Белгија, во Скопје, во квалификациите за пласман на Светското првенство. До бод, избраниците на Благоја Милевски дојдоа со спектакуларниот гол на Алиоски во 87.минута.

Македонија одлично и се спротивстави на Белгија. На фаворитот му го препушти поседот, кој имаше и повеќе корнери и удари кон голот, но Македонија имаше повеќе зрели шанси. Впечатокот е дека Македонија можеше да ја победи Белгија.

„Им честитам на фудбалерите на македонската репрезентација, задоволен сум како му се спротивставивме на најголемиот фаворит во групата. Секогаш напоменувам дека тимската игра е тоа што треба да не краси и на овој меч тоа го покажавме во целост. Алиоски постигна феноменален гол. Сега се фокусираме на мечот со Казахстан. За жал, ќе бидеме ослабени бидејќи Исник Алими и Бојан Димоски нема да патуваат со нас во Астана поради повреди”, изјави селекторот Милевски.

„Можеме само да жалиме што не ја победивме Белгија. Неколку пати немавме среќа. Имавме две стативи во првото полувреме. Одигравме на високо ниво и треба да сме задоволни од нашата игра. Одиме на победа против Казахстан. Се надевам дека ќе освоиме три бода и ќе останеме во игра за пласман на Мундијалот, изјави Елиф Елмас, кој во првиот дел во 27.минута ја погоди стативата.

По три одиграни натпревари во Ј групата Македонија освои пет бода. Македонија в понеделник (16 часот) ќе гостува во Астана кај Казахстан.

Scroll to Top