Top Sport

Му беше тренер на Роналдо во Ал-Наср, а сега ќе му биде тренер на Елмас во Наполи

Нов тренер на Наполи ќе биде Руди Гарсија, потврди шампионот на Италија. По десетдневни преговори меѓу претседателот на „наполитанците“, Аурелио де Лаурентис и 59-годишниот Французин, постигнат е договор за преземање на тимот кој минатата сезона ја врати титулата на југот на Италија по повеќе од три децении и стигна до полуфиналето на Лигата на шампионите.

Руди Гарсија следната сезона ќе ги предводи Елиф Елмас и соиграчите во одбрана на титулата во Серија А, како и во напад на трофејот во ЛШ.

Најголемото тренерско достигнување на Руди Гарсија е шампионската титула со тимот на Лил во 2011 година, кога го освои и Купот на Франција.

Французинот е запознат со состојбите со Серија А, откако таму веќе работеше како тренер на Рома од 2013 до 2016 година, а ова ќе биде негово големо враќање по седум години.

Последниот ангажман на Гарсија беше неуспешен. Минатата сезона имаше цел да го води Ал-Наср до шампионската титула во Саудиска Арабија, но во тоа не му помогна ниту доаѓањето на Кристијано Роналдо. Наместо трофеј, му беше љаден отказ на 12 април и оттогаш е без работа.

Scroll to Top